Ревизијата утврди недомаќинско работење во сојузот на слепи и сојузот на глуви

Исплатени парични средства без потврда за нивна оправданост, службени патувања во странство во отсуство на соодветни решенија, неосновано исплатени надоместоци. Државниот завод за ревизија утврди низа нерегуларности во работата на сојузот на слепи за 2016 година. Оваа година биле обезбедени 500 илјади денари за набавка на тифлотехнички помагала, но сите не биле распределени по корисници. Исплатени се 364 илјади денари за хотелски услуги без решенија со кои се определуваат корисниците и оправданоста на исплатите, а на ист начин се исплатени и 106 илјади денари за службени патувања.

Преку сметката на Сојузот на слепи и благајната на трансакциски сметки и во готово исплатени се вкупно 1.322.000 денари на физички лица по различни основи. Ревизијата констатира дека за 67% од исплатените парични средства или 888 илјади денари не се обезбедени веродостојни документи како потврда за направените трошоци

Ревизијата констатирала нерегуларности и во делот  на критериумите за определување критериуми за доделување стипендии на талентирани студенти. Тие се однесуваат на постигнатиот успех, редовност, македонско државјанство, но не е наведен кандидатот да е слепо или слабовидно лице.

Отсуството на тој критериум претставува можност и други лица кои не се слепи или слабовидни, да конкурираат за добивање стипендија што претставува ризик за наменското користење на паричните средства.

Нерегуларности се евидентирани и во работењето на националниот сојуз на глуви и наглуви. Дотациите за општинските и градските здруженија се распределувале без документ за планирање и без утврдени критериуми.Сојузот во тек на 2016 година за мобилна телефонија исплатил средства во износ од 204 илијади денари по приложени фактури на операторот, но недостига документацијата поради што не може да се утврди за кои телефонски броеви се работи. За репрезентација биле исплатени 278 илјади денари без да бидат предвидени со финансиски план. Не биле превземени активности за изучување на знаковниот јазик и покрај обезбедените средства.

За периодот од 2015-2016 година согласно одлуката на Владата од Буџетот се обезбедени парични средства во износ од 1.100.00 денари како посебно издвоени средства наменети за стандардизација на знаковниот јазик и оспособување толкувачи, но овие активности од страна на Националниот сојуз не се реализирани

Сомнеж во работењето на сојузот на слепи беше изразен од страна на членовите и здруженијата уште во во ремето на техничката министерка Фросина Ременски која формира комисија за проверка на начинот на кој се користеле средствата. Од оваа година на страницата на министерството за труд и социјална политика ќе бидат објавени буџетите на сите сојузи и целите за кои ги користат средствата. Целта е како што ни изјави министерката Царовска да се обезбеди наменско користење на средства. На годишно ниво на сојузот на слепи легнуваат речиси 13 милиони денари, а на сојузот на глуви околу 10 милиони денари.

Сања Јовановиќ Дамјановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ