
Ревакцинација во училиштата, проблем во училиштето Ѓорѓија Пулевски
Втор ден во скопските основни училишта се одвива ревакцинација на учениците со МПР вакцина. На училиштата се излепени предупредувања и информации кои деца не се ревакцинирани и распоредот кога во училиштето ќе дојде мобилен тим и кои одделенија се предвидени за вакцинирање.
Надлежните служби во Министерството за здравство известуваат дека во тек на два дена извршиле вакцинирање во 9 скопски основни училишта. Проблеми имало денеска кога во училиштето Ѓорѓија Пулевски во Аеродром, неколку родители се бунеле зошто се спроведува теренска вакцинација и зошто треба да ги вакцинираат децата иако не сакаат.
Политиката на Министерството е изборот за вакцинирање на децата да биде оставен на родителите. Имаше проблеми во основно училиште и неколку родители не сакаа да ги вакцинираат децата, ни рекоа од здравствениот дом Скопје.
Вчера во 4 училишта во Скопје се ревакцинирани 38 основци, а најмногу деца примиле вакцина во Димитар Миладинов во Центар. Мобилните тимови денеска посетиле 5 основни училишта.
Министерството и надлежните имунизациски служби првин прават список со деца кои не ја примиле ревакцината за МПР, потоа ги известуваат училиштата за кои деца станува збор. На крај родителите треба да потпишат согласност и добиваат известување кога ќе се врши вакцинирањето. Во известувањата се наведува дека децата треба да бидат здрави и дека треба да носат здравствени книшки. Теренската имунизација ја препорача комисијата за заштита од заразни болести по прогласувањето на епидемијата од морбили од кои досега починаа три деца.
Миомир Серафиновиќ