Рецептот на 101-годишниот Цане од Борилчево за долг живот – без цигари но по една чашка ракија дневно

Цане Гелевски е најстариот маж кој живее во Брегалничкиот регион, постара од него е само 102-годишната Пракса Златкова од село Дулица во Македонска Каменица.

Дедо Цане пред еден месец со роденденска торта го прослави 101-иот роденден, а  сега врви кон 102-та година.

Пред камерата на Телма говореше за своите пет синови и  жена која починала точно пред половина век.

Гелевски веќе над 15 години живее во селото Борилчево во Општина Чешиново-Облешево, заедно со неговиот најмал син и снаа.

Инаку е роден и до својата 85 та година живеел во скопското село Дивљак на надморска височина од 800 метри. Работел во училиштето,  во своето родно село бил и поштар им ја носел пензијата на соселаните.

На  семејството до пред две години  помагал во бачилото со овците и јагнињата, и покрај тоа што се движел со помош на  двата бастуни. Задоволен е од негата која му ја дава семејството, а посебно од неговата снаа Снеже.

Дедо Цане до ден денеска нема запалено цигара,  секој ден задолжително си бара по една чашка ракија. Како добар домаќин ја праша и екипата на Телма од каде доаѓа и дали е убав животот во Штип.

Истражувањата на Еуростат покажуваат дека очекуваниот животен век на просечен граѓанин на Македонија е 75,4 години, што е за пет и пол години пократок од жителите на ЕУ кои во просек живеат 81 година.

Но, здравиот и активен живот, постојано да се биде позитивен и насмеан е рецептот за да се живее над сто години смета семејството Гелевски.

Дедо Цане и покрај тоа што во животот поминал низ низа проблеми, се уште знае да си ја запее омилената песна Кирјана мома убава, но и да си  засвири на кавалот.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ