Реставрацијата на црквата “Свети Ѓорѓи” 7 години заглавена во бирократски процедури

Седма година  во бирократски  процедури заглавен е проектот за конзервација и реставрација на црквата „Свети Ѓорѓи“ во преспанското село  Курбиново, изградена во 12 век,  ремек дело на византиското сликарство.

Обновата на  овој исклучителен примерок на културното  наследство  почна во 2013 година, по што следеа подготовки, истражувања, па несогласувања на експертите околу начинот на изведување на работите.

Во меѓувреме  пропаѓа и она што останало, ѕидовите се распукани, фреските пожолтени, а влагата  ја уништува црквата.

-Ова е седма година откако почна реконструкцијата, но за жал со многу прекини кои дозволија она што е и понатаму се распаѓа под влијание на  влагата. Не се преземаат брзи чекори за адаптирање на најстaриот  манастир не само во Македонија, туку и во Европа и светот, вели Митко Ристески, домаќин на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

Со скромна надворешна архитектура, црквата „Св Ѓорѓи“ своето место во ризницата на светски вредности го обезбедува со фрескоживописот, каде е и наделеку познатата фреска „Ангелот од Курбиново“

Од  Управата за културно наследство велат дека државата досега не направила доволно за заштита на црквата во Курбиново и најавуваат дека активностите на терен наскоро ќе продолжат.

-Јас денеска ги потпишав дозволите за археолошки истражувања во Курбиново и за дополнителни конзерваторски истражувања, што значи дека работите ќе започнат веќе на почетокот на мај, да се надеваме дека вакви сеопфатни истражувања археолошки и конзерваторски ќе овозможат заштита на овој значаен споменик, рече Елеонора  Петрова Митевска, директор на Управата за културно наследство во емисијата Топ Тема.

Годинава  од буџетот на Министерството за култура  издвоени се околу 30 илјади евра за Курбиново, што е десет проценти од средствата што  ги побара Завод и музеј Битола, од каде велат дека работата на измени  и дополнувања на проектот што ги побара стручната комисја од Скопје.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ