Решение за проблемот со паркингот на клинички во рацете на Филипче и Шилегов

„Сакаме паркинг, наместо нива!”, „Доста во нашиот двор стопанисува друг” се само дел од транспарентите со кои денеска, за време на паузата повторно излегоа на протест дел од вработените во клинички центар „Мајка Тереза”. Сите носеа на себе транспаренти „привилегирани”, алудирајки на тоа дека градоначалникот Шилегов така ги нарече поради повластувањата на картичката за паркинг која досега за вработените на клинички плаќаа по 300 денари месечно, а од град Скопје најавија дека оваа картичка ќе чини 800 денари месечно.

Тие денеска не ја блокираа наплатната рампа бидејки добиле уверување од министерот Филипче денеска ќе оствари средба со градоначалникот Шилегов во врска со овој проблем. Од синдикатот на клинички велат дека се чувствуваат понижено затоа што тие мислат дека воопшто не треба да плаќаат за паркинг место на своето работно место и реагираат дека досега од Градски паркинг кој што стопанисува со паркинг услугите на клинички, досега нема инвестирано ништо во разрешувањето на секојдневниот хаос со паркираните возила.

Од министерството за здравство најавија дека министерот Филипче ќе оствари средба со градоначалникот Шилегов, но до почетокот на овие вести не го знаеме исходот од неа.

Вработените во клиничкиот центар “Мајка Тереза” велат дека доколку не се исполнат нивните барања и доколку не се реши проблемот со паркингот ќе преземат дополнителни активности за израз на нивното незадоволство.

Јордан Дуков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ