
Република Северна Македонија помина уште еден собраниски филтер
„Република Северна Македонија“ доби виза од Комисијата за уставни прашања. За мнозинството е прифатливо, досегашното име, „Република Македонија“ да се замени со новото сегде во уставот, освен во членот 36 што има историски контекст. Опозицијата гласаше против и обвини дека целиот процес за промена на името е без консензус и не ја почитува волјата на народот искажана на референдумот.
Предложија да се обезбеди заштита доколку Грција не го испочитува договорот, но добија одговор дека заштитата веќе постои. Во вториот владин нацрт-амандман, со кој во Преамбулата се додава Охридскиот рамковен договор, а одлуките на АСНОМ се заменуваст со прогласот од заседанието, побараа проширување со уште три историски документи.
Како прична за вметнување на Уставот од 1991, Димовски го наведе тоа што ова е првиот Устав за целосна независност на суверена држава. Предлогот за вметнување на правилата на востаничкиот комитет, го образложи со тоа што во овие правила се утврдува концептот на идната македонска држава, додека за Уставот на ТМОРО рече дека тоа е документ со кој се формира прва организација на Македонците.Премиерот вети дека ќе размисли за овие барања.
За овој амандман во Комисијата ќе се гласа утре по што следи расправа за уште два. По завршувањето на расправата во Комисијата, за амандманите уште еднаш ќе се разговара на пленарната седница, закажана за 1-ви декември, по што ќе се гласаат, овојпат со просто мнозинство од 61 пратеник.
Далиборка Демјанска