
„Република Северна Македонија“ изгласана по вторпат
Наместо законски дозволените три дена, на пратениците им беше доволно двојно помалку за расправа по првиот амандман на уставот, со кој државата се преименува во Република Северна Македонија.Повеќето од пријавените за збор се откажаа за дискусиите, а останатите не ја искористија до крај дозволената минутажа. Со 67 гласа „за„, беше изгласан амандманот со кој државата се преименува во сите членови на уставот, освен во членот 36, каде се спомнува во историски контекст. ВМРО ДПМНЕ гласаа против, а четворица пратеници беа воздржани. Најмногу бура предизвика репликата на министерот за надворешни работи, кој коментирајќи ги дискусиите на пратениците од опозицијата, рече дека сме нација со комплекси.
Од ВМРО ДПМНЕ побараа извинување од министерот, но не го добија.
Во расправата по вториот амандман со кој, во Преамбулата на уставот се додава и Рамковниот договор, а одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од заседанието, Димитров остави простор за измени. Можно е, во преамбулата да влезат и дел од барањата на опозициските пратеници, но тоа ќе се знае по јавната расправа и мислењето на правните експерти.
Далиборка Дамјанска Цветановска