Ременски со претставка во внатрешна контрола за полицајците кои го вршеле претресот кога се најдени и доверливи документи

До внатрешната контрола на МВР во изминатите дваесетина дена стигнала претставка од пратеничката и се уште потпретседателка на Собранието Фросина Ременски, која исто така е осомничена во случајот Рекет за активностите на Меѓународниот сојуз.

Ременски се жалела за постапувањето на полицајците кои по налог на обвинителсвото вршеле претрес во нејзиниот дом. Според информациите на Телма, Ременски за време на претресот не била во домот што било наведено и во претставката.

Од внатрешна контрола потврдија дека претставката се разгледува и не може да прејудицираат каква одлука ќе биде донесена. Уште трае законскиот рок од 30 дена во кој внатрешната контрола треба да одговори, ни рекоа од овој оддел на МВР. Иста претставка Ременски поднела и до народниот правобранител.

Во претресот на кој сега се жали пратеничката биле најдени доверливи и класифицирани документи од УБК. Тие се предадени во обвинителството, а потоа за нив е известена и наследничката на УБК, новата Агенција за национална безбедност.

Директорот на Агенцијата АНБ Виктор Димовски не одговори на нашите повици и пораки до каде е проверката на документите, дали се веродостојни и дали како што тврди пратеничката Ременски во нив има сериозни сомнежи за криминал.

Од друга страна опозицијата ја бомбардира со обвинувања и пратеничката и нејзиниот сопруг Јовче Ременски кој е началник во оддел во новата АНБ дека изнесувале доверливи документи и ги чувале дома надвор од законски предвидените безбедни зони.

Пронајдените документи со имињата на сите инволвирани полициски службеници, сведоци, докази и соработници во случаите Монструм и Диво Насеље во домот на Јовче Ременски, отвораат сомнеж за неговите намери. Дали соработникот на Заев, Јовче Ременски, со тие информации имал намера да уценува, да се заканува или да заштитува некое од тие лица?

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ

Ременски преку фејсбук секојдневно им реплицира и тврди дека во документите е скриен криминал, дека опозицијата не го врши добро надзорот врз тајните служби, а спомнува и лустрација на поранешен началник во службите.

Нека се секира како ќе објаснуваат дека, нивниот, опозициски собраниски надзор над безбедносните служби спие и слугува, додека професорката поднесува кривични пријави и поставува незгодни прашања. Да не бидат многу изненадени за почеток нека смислуаат како ќе го (од)бранат лустрираниот што ги “спасува” и денес, а после ќе сакам да чујам како се брани шпионажа по НАТО стандарди.

ФБ статус на Фросина Тешевска Ременски

Ременски е осомничена во случајот Рекет заедно со Бојан Јовановски, а Телма веќе објави дека покрај претресот кај и се најдени доверливи документи, истрагата утврдила дека еден телефон и е форматиран и нема никакви податоци, а вториот го нема иако претходно го сменила апаратот 4 дена пред апсењето на Јовановски-Боки 13.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ