
Ременски: Пратениците да гласаат за уставни измени, во спротивно избори
Потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски попладнево ги повика сите пратеници да преземат одговорност и да ја послушаат волјата на граѓаните кои гласале на референдумот.
„Откако Владата го објави предлогот, ги повикувам сите пратеници да преземат одговорност за иднината на државата. Ги повикувам сите да го поддржат процесот ида гласаат за уставните измени. Доколку раководството на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму блокира, останува само да одиме на избори веднаш. Никој да не се надева на амнестија“, рече Ременски.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека согласно Деловникот за работа на Собранието по примањето на предлог кон пристапување за измени и дополнувања на Уставот на Република Македонија претседателот на Собранието кој и претседава со надлежната Комисија за уставни прашања во роковите утврдени во Деловникот ќе ја закаже седницата. Во Деловникот, нагласи, се утврдени роковите за дискусија по предлог одлуката и после нејзиното завршување во матичната Комисија за уставни прашања ќе биде закажана и пленарната седница.
„Очекуваме тоа да се случи деновиве, да ја знаеме динамиката, таа ја утврдува претседателот. До ставањето на точката на дневен ред на матичното работно тело и на пленарната седница сите пратеници кои се за членство во ЕУ и НАТО треба да пристапат кон својата одговорна должност, да не калкулираат со своите политички и партиски кариери, туку да пристапат кон исполнување на оваа света должност за иднината на државата и на идните генерации“, посочи Ременски.