
Ременски и Александрова ќе раководат со помирувањето
Процесот на помирување во Собранието формално може да почне: формирана е Интерпартиска парламентарна група за интеграција и помирување. Ќе ја сочинуваат потпретседателите на Собранието, координаторите и претставници на помалите партии. Резервирани се и посебни места за претставници на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ. Копретседатели ќе бидат Фросина Ременски од СДСМ и Емилија Александрова од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата. Методологијата за работа и темите ќе бидат дефинирани на првиот состанок. Спикерот Талат Џафери не ја прифатил поканата тој да претседава поради другите обврски во Собранието.
И на овој Координативен состанок не дојде координаторот на ВМРО ДПМНЕ. Претставникот од Алијансата на албанците го напушти собирот, откако не добил одговор кој со кого ќе се помирува и кои би биле позитивните ефекти од тој процес.
Крсто Мукоски од Независната група изрази жалење што поради судските рочишта, не може поактивно да учествува во формирањето на ова значајно тело и во собраниската расправа за амандманите на Уставот. Во изјава пред Судот, прифати утре дома да ги пречека организациите кои сакаат да го убедуваат да не гласа за менување на Уставот.
Утре почнува комисиската расправа по текстот на нацрт амандманите на Уставот. Во наредните денови се очекува и првиот состанок на телото за помирување, што беше последниот услов на осуммината пратеници за поддршка на процесот.
Соња Николовска