
Тимотеј вели „не сум таму да изигрувам полицаец“, обвинителството бара одговори од организаторот на струшката литија, МВР молчи
Религиозните групи тргнаа против науката среде пандемија. Тој долг историски судир, на македонско тло продолжи среде битката против Ковид 19 со литија на МПЦ во Струга и одлуката на ИВЗ да ги отвори џамиите. За струшкиот случај отворен е предмет во тамошното обвинителство. Литијата е дел од познатата струшка Еордија, традиционално организирана од манастирот Бигорски кој на 27-ми април најави дека традицијата ќе ја продолжи со тоа што нема да биде дозволена придружба од верници. На терен на 7-ми мај сликата беше спротивна на мерките за заштита на јавното здравје. Двајцата свештеници од тимот на манастирскиот игуман Партениј не одговорија на нашите повици. Службата ја водеше владиката Тимотеј кој во телефонски разговор ни тврди дека сите мерки ги презеле и ги повикале верниците да не ги следат по улиците.
-Што друго, јас не сум таму полицаец да изигравам. Ние се што можевме, организиравме за да се запазат мерките. Службата што ја организираме внатре, ја направивме надвор. И да има народот место каде да стои да гледа. И во црква претходно повикав наутро и попладнето, го повикав народот само свештенството да иде. Меѓутоа, јас не сум некој што може да му забрани некому да оди по улица. Тоа не е должност на црква.
Телма: Но има многу реакции на вчерашните слики?
Г.Тимотеј: Што ми е гајле за реакциите. Што да правам јас. Да се извинувам на некого треба? Затоа што сум направил редовна богослужба, која традиционално се одржува со векови.
Во општина Струга и тамошниот кризен штаб тврдат дека не биле ниту известени ниту знаеле за таков масовен настан за кој сметаат дека е неодговорна постапка и огромна грешка на властите и на полицијата.
Обвинителството пак својот предмет го насочи кон организаторите, а не кон полицијата која вчера ја обезбедуваше поворката, а преносот одеше директно на интернет. Сега обвинителството бара струшката полиција да им обезбеди снимки од камери и докази дали е прекршена забраната за групирање во групи поголеми од две лица, и дали е почитувана мерката за растојание од два метри и задолжително носење маски во групи.
-Побарано е да се идентификуваат и повикаат организаторите на Литијата за да се утврди дали настанот бил уредно пријавен, кој требало да учествува, каква дозвола добиле и дали е постапувано согласно истата, како и дали презеле дејствија како организатори да нема присуство на граѓани или пак со редарска служба да го обезбедат евентуалното присуство на граѓани, а во насока на примена на здравствените прописи во услови на опасност од ширење на заразната болест предизвикана од вирусот COVID-19, соопшти Обвинителството.
Упадот во мерките е направен, а допрва ќе се бара одговорност. Од МВР не ни одговорија на прашањата кој ќе ја понесе одговорноста, кој и како го пријавил настанот и зошто на денот на полицијата 7-ми мај добија сочна честитка од среде Струга.
Дополнување:
МВР се огласи попладнево. За упадот ги обвинија верниците кои ја следела литијата со моштите на светецот. МВР тврди дека струшката полиција имала план и договор со црквата-организатор на настанот за запазување на мерките, но биле изнанадени од групи верници од споредните улички во Струга.
Соопштение на МВР
Иако, имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката на што наидоа од вербална реакција и негодување од граѓаните, таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата. Напоменуваме дека за разлика од минатогодишната литија каде имаше околу 10.000 верници, годинава регистрирано е присуство од околу 300 лица.
Но во соопштението нема објаснување како е направена проценката од само триста лица, бројка иста со како што кажа министерот Чулев сумата дадена за спотот за денот на полицијата, ниту пак е соопштено колку од тие 300 присутни на литијата се пријавени за прекршување на мерките среде Струга. Допрва ќе се открива идентитетот на прекршителите и ќе се разговара повторно со организаторите.
По МВР, со соопштение ае обрати и МПЦ дека од почетокот на кризата се однесува конструктивно и дека ги почитува и се придржува до мерките. Во таа насока го повикуваме верниот народ кон исполнување на официјално зададените мерки од владата и здравствените власти за социјална дистанца и носење соодветни заштитни средства, истакнуваат од МПЦ-ОА.
Миомир Серафиновиќ