
Рекордни 196 позитивни на Ковид-19, Скопје со 90 заболени
Македонија денеска со 196 случи го регистрираше досега најголемиот број на новозболени од Ковид-19. Со нив вкупниот број на заразени се приближува кон 4.000 односно досега има 3.895 потврдени со коронавирус во земјава. 196-те позитивни на вирусот се дел од 1.213 тестови направени во последното деноноќие, а во кои нема тестови за скрининг, што значи дека сите биле тестирани по алгоритамот за сомнителни на вирусот.
И во денешната бројка Скопје е неприкосновено на врвот на листата со 90 заболени, но рекордна бројка денеска има и Тетово, дури 45. Куманово се уште брои двоцифрени бројки, денеска 17 случи, додека Охрид има 11, Струга и Гостивар по 8, Штип 5, Битола 4 нови случи.
Освен рекордната бројка на заболени денеска е регистрирана и голема бројка на починати. Дури осум. Четворица се од Скопје, а по еден од Струга, Охрид, Гостивар и од Ресен. Црната статистика денеска регистрира смрт на трудница од Гостивар на 31 година. Како што дознава Телма, таа по проблеми со бременоста, од Тетово била префрлена на ГАК во Скопје каде е оперирана, а по направен тест за коронавирус на 26 мај е хоспитализирана на Инфективна клиника. Таа е една од тројцата починати на Инфективната клиника, другите двајца пациенти биле на 67 и 76 години. Во болницата „8-ми Септември“ исто така починале тројца. 43-годишен пациен од Скопје примен таму пред само два дена, но и 59 скопјанка која бил хоспитализиран само еден ден порано, на 10 јуни. Третиот починат е од Струга на 56 години по десет дена болничко лекување. Во болницата во Битола пак по само еден откако бил примен починал 68-годишен ресенчанец, а во Охрид пациент на 81 години, хоспитализиран на 10 јуни.
Статистиката за активни случи пак покажува дека од 2.011 во земјава повеќе од половината се во главниот град или 1.124. Во Куманово активни се 216 случи, во Тетово 209, Штип има 195.
Во Штип пак денеска е регистриран нов, шести кластер на коронавирус. Скопјанец кој не знаел дека е позитивен на Ковид-19 го прошетал вирусот до таму на гости, при што заразил, како што информираат од Инфективнотот одделение во Штип, до сега тројца, а десетина се ставени во изолација. Со нив бројот на лица кои се во изолација во градот е 570.
Дека е голем бројот на лица кои се во изолација или самоизолација во целата земја покажува и податокот што само во изминатите 24 часа на 790 лицa им се издадени решенија за изолација, а 214 лицa потпишале изјави за самоизолација.
Се поголемиот број на лица во изолација од денеска за земање контролни брисеви ги активираше на терен тимовите од воено-медицинскиот персонал на Армијата, кои на помош пред два дена ги повика министерството за здравство.
Тамара Грнчароска