
Рекорден број на новозаразени со мали сипаници – 134 за само една недела
Епидемијата на мали сипаници зема замав. Во просек дваесетина нови пациенти на ден. За една недела од Здравствените домови до Институтот за јавно здравје испратиле податоци за рекорден број на новозаболени.
„Во изминатата недела бројот на новорегистрирани заболени изнесува 134. Значи можам да кажам дека во последните десетина недели овој број континуирано се одржува околу 100 меѓутоа ова е највисоката бројка регистрирана воопшто откако е регистрирана епидемијата.“ кажа Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Со новите случаи, бројот на болни од морбили надмина 1500 од кога започна епидемијата во населбата Радишани пред половина година. Со покачена температура и осип по телото заразени се најмногу луѓе над 30 години, со една или ниту една примена вакцина.
„Кога велиме популацијата над 30 години тука се мисли популација којашто е вакцинирана со две дози. Оние коишто се родени од 1971 наваму. Меѓутоа тука спаѓа и популација родени пред 1971 година коишто се невакцинирани или пак оние родени од 1971 до 1987 година коишто се вакцинирани само со една доза. Знаеме дека една доза не е доста имунитет.“ кажа Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Надлежните не можат да кажат кога ќе дојде крајот на епидемијата. Но, најавуваат во кои околности може да стивне вирусот.
„Не се намалува бројот на пациенти коишто се јавуваат на преглед на Инфективната клиника. Утрово имавме краток состанок со епидемиолозите во Министерството. Очекувањата се дека можно е да има намалување на бројот на пациенти после завршетокот на училишната година. Искрено се надевам дека е така иако очекуваме одредена бројка на пациенти да циркулира во здравствените институции до крајот на оваа година, така беа најавите и такви се проценките.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Најголем број од новозаболените регистрирани во извештајот на Институтот неделава – се од другите градови. Повеќето се невакцинирани или ги немаат податоците за примена вакцина.
Петар Догов