
Реконструкцијата на една од најфреквентните улици во Битола заврши со тужби меѓу општината и изведувачот
Наместо со нов асфалт, реконструкцијата на една од најфреквентните улици во центарот на Битола, „Климент Охридски“, заврши со тужби меѓу општината и изведувачот. Додека траат меѓусебните обвинувања кој е виновен што 300 метри од оваа сообраќајница и по 7 месеци од почетокот на градежните работи не е завршена, жителите реагиараат дека газат во кал и дишат прашина.
Удавени сме во прашина, не можеме ниту на улица да излеземе, ниту до продавница да дојдеме. Ова е нешто несфатливо, велат граѓаните.
Реконструкцијата на улицата „Климент Охридски“, започна во септември лани. Јавните претпријатија поставија нова водоводна и канализациона мрежа, по што се вклучи фирмата изведувач „МС Конструктор“ од Битола. Но, во октомври работите запреа и со месеци нема никакви активности. Од Општината велат дека поради непочитување на роковите, договорот со фирмата е раскинат, а се подготвува и тужба за изведувачот.
Кога надзорот го достави документот дека изведувачот доцни со термините, веднаш беше раскинат договорот. Потоа се презедоа сите чекори за заштита на општината, активирање на банкарсаката гаранција, негативна референца и ангажирање на адвокат кој што ќе отвори постапка за обештетување и на општината и на граѓанте, вели градоначалничката Наташа Петровска.
Изведувачот пак, ја обвинува локалната власт дека биле вклучени во работата при крај на градежната сезона, а фирмата веќе ја тужи општината, затоа што не им се исплатени парите за она што го сработиле до раскинување на договорот.
„МС Конструктор“ го отстрани стариот асфалт и калдрмата под него, потоа ја тампониравме улицата и поставивме ивичници. Се беше подготвено за асфалтирање, но поради временските услови бевме спречени да ја продолижме работата, а асфалтните бази веќе не работе. За извршената работа досега не добивме ниту денар, а за долгот од речиси 2 милиони денари, поднесена е тужба против Општина Битола, велат од „МС Конструктор“ – Битола.
Од Општина Битола велат дека веќе е распишана нова јавна набавка за изведувач кој ќе ја заврши реконструкцијата и најавуваат дека улицата „Климент Охридски“ наскоро ќе биде асфалтирана.
Емилија Мисирлиевска