Реконструкција на Влада во најава

Наредните денови, Зоран Заев и Али Ахмети почнуваат разговори на тема: реконструкција на Влада. Предлогот за разрешување на дел од постојните министри и избор на нови, се очекува во Собранието да се најде некаде во јуни, најавува министерот Османи, заедно со првите луѓе во новото Министерство за политички систем, кое треба да се формира по укинувањето на Секретаријатот за рамковен договор.

-Оваа дебата не е отворена ниту во партијата ниту меѓу коалициските партнери. Се очекува наредните денови двајцата коалициски лидери да почнат разговори и да изградат конкретно мислење околу работата на министрите, вели Османи.

Во меѓувреме, социјалните мрежи и порталите се полни со нагаѓања кој ќе биде реконструиран и кој ќе го замени. Наводите дека Никола Димитров заминува во САД и дека СДСМ размислува за чисто партиско решение, министерот кусо ги искоментира како производ на партиските кујни.

-Гладна кокошка просо сонува, објави Министерот за надворешни работи на Фејсбук.

И министерката Рената Треневска-Дескоска ги отфрла шпекулациите дека откако ќе го заокружи Законот за обвинителство и за СЈО, ќе се врати како прв човек во Министерството за образование.

Министерот Венко Филипче очекува премиерот Заев да ја спроведе реконструкцијата што ја најави, но не очекува тој да биде дел од неа. Најавува „метла“ во здравствениот сектор.

Реконструкцијата на Владата, која веројатно ќе вклучи и дел од економските министри, поточно од одговорните за  инвестиции, е само почеток. Премиерот Заев најави промени и кај замениците министри, државните секретари, јавните претпријатија, но и во партиските структури. Веројатно ќе треба да заминат барем двајца од раководството на партијата.

Резултатите од претседателските избори премиерот Заев ги прими како опомена за лошо работење на некои полиња. Се говори дека оценувањето на сработеното ќе ги опфати и градоначалниците и дека Заев е подготвен да повлече двајца од скопските општини, иако се работи за функционери избрани на локални избори.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ