Рекации на политичките партии по приведувањето на Јанева

Политичките партии и Владата се огласија по приведувањето на шефицата на СЈО, Катица Јанева и проширувањето на истрагата во која сега таа е осомничена. Владеачката СДСМ и опозициската ВМРО – ДПМНЕ повторно со дијаметрално спротивни ставови. За едните е доказ за неселективност додека за други обид да се уништат доказите и да се спасат политичари инволвирани во скандалот. Од Владата побараа да се продолжи со темелната и независна истрага додека од Алијанса на Албанците пак со барање да се истражат сите случаи против функционери на ДУИ.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ обвини дека приведувањето на Јанева требало да се случи веднаш по откривањето на скандалот и со тоа се дало време за да се уништат докази. Според опозицијата пресот на Обвинителството не дал одговори на клучните прашања околу инволвираноста на политичари и премиерот Заев во случајот.

Од СДСМ пак, порачаа дека правната држава функционира неселективно за сите и дека никој не е над законите, никој нема да биде амнестиран и сите ќе одговараат за своите постапки. Оттаму нагласија дека очекуваат од Обвинителството да продолжи со длабнинска и независна истрага.

Со став се јавија и од Владата од каде порачаа дека со проширувањето на истрагата врз Јанева се потврдува дека пред правдата и законите, сите се еднакви.Од Владата повикаа на темелна и независна истрага , која мора да заврши што е можно поскоро и да ги покаже сите детали.

Од Алијанса на Албанците позитивно ја оценија работата на Обвинителството и проширувањето на истрагата врз Јанева и истовремено апелираа до надлежните институции до крај да ги истражат сите случаи во кои се инволвирани функционери на ДУИ со што ќе се докаже дека нема селективна правда.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ