Река потрошил 290 илјади, Пендаровски 257 илјади евра во втората половина од кампањата

Во втората половина на изборната кампања, Блерим Река потрошил повеќе пари од Стево Пендаровски.

Вкупните расходи на Река за периодот од 11-ти до 19-ти Април се над 291 илјада евра, а на Пендаровски, 257 илјади. Финансискиот извештај на Гордана Силјановска-Давкова не е пристигнат во Антикорупциската комисија, па и овој пат го очекуваат по пошта.

Во извештајот на Река, целосно се совпаѓаат средствата обезбедени за платено политичко рекламирање со расходите за истата намена.

Се работи за 17 милиони денари, додека уште 872 илјади денари му остануваат како неплатени обврски.

Платеното политичко рекламирање на Пендаровски ќе ја чини државата два и пол пати помалку: 5,6 милиони денари. Но, има и други расходи: 8,8 милиони денари платени и 1,2 милиони неплатени.

Вкупните приходи за изборната кампања се околу 230 илјади евра, што му носи кусок од 27 илјади евра.

Сепак, во збирот на трошоците за целата 20-дневна кампања, Пендаровски потрошил двојно повеќе од Река. Кандидатот на СДСМ има расходи од 737 илјади евра, а кандидатот на Алијансата и БЕСА – 316 илјади.

Во првата половина од кампањата, кандидатката на ВМРО ДПМНЕ прикажа трошоци од 163 илјади евра.

Изборниот законик предвидува поднесување финансиски извештаи на 11-от ден од кампањата, ден по нејзиното завршување и ден пред одржувањето на вториот круг.

На овие избори, за прв пат државата ја покрива медиумската кампања. Секој претседателски кандидат има право да потоши максимум 110 денари по запишан избирач, или, околу 3,3 милиони евра.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ