
РЕК Битола гради бедем за одлагање на пепелта
Одбранбен ѕид висок 15 метри и долг 1,5 километар се гради на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола, од каде честопати, посебно кога дува ветер се гледа прашина која се подига и се разнесува во околината.
Бедемот, кој треба да биде завршен до крајот на годината, ќе има форма на трапез, а внатре ќе се одлага пепелта што се добива при согорување на јаглен во процесот на производство на струја.
За изградба на овој одбранбен ѕид ќе се искористат околу 700.000 метри кубни земја што останува при ископот на руда во рудниците на РЕК Битола.
-При крај е изградбата на тој бедем, со што значително ќе се намали влијанието на ветровите и разнесувањето на пепелта во околината. Станува збор за една голема површина која што е заградена со земјен бедем и пепелта ќе се одлага внатре во таа заградена површина, а ветрот не ќе може да го има тој ефект како сега, рече генералниот директор на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски.
Во изминатите години пепелта на одлагалиштето не се покриваше со земја, а тоа беше причина таа да се разнесува и да ја загадува околината.
Од комбинатот велат дека интензивно се работи на надминување на оваа затекната сосотјба, а од 30 илјади метри квадратни непокриена површина, останати се уште 5000.
– Невозможно е при самото одлагање да се изврши вднаш покривање на пепелта, која мора да легне и после одреден временски период да се покрие со земја. Од тие причини се јавува тоа присуство на прашина. Но, ве уверувам дека тоа е сведено на минимум во однос на тоа што било ситуација пред нецели 3 години, рече Ќурчиевски.
Но, за да се намали аерозагадувањето потребна е и реконструкција на електростатските филтри, а од Комбинатот велат дека јавната набавка за избор на изведувач е во тек и се очекува на почетокот на следната година да почне реконструкцијата која ќе трае 3 години.
Во тек е и постапката за добивање А еколошка дозвола, која пак треба да заврши до 2026 кога процесот на производство на електрична енергија ќе се усогласи со еколошките стандарди.
Емилија Мисирлиевски