
Реисот само одмавна со раката за проблемите со владата на кои се жали и седна во прв ред со министрите од ДУИ
Реисот се виде со министрите на ДУИ во владата која ја обвини дека работи против ИВЗ и и се закани со предизборна молитва. Ахмети повика на дијалог, а верскиот лидер без одговори, откако владата го оцени писмото како ултиматум.
Писмото на ИВЗ доби владин одговор, но реисот и денеска одмолчи.
На новинарските прашања пред одбележувањето на 20 години од НАТО интервенцијата во Косово (во организација на ДУИ), реисот ул улема Сулејман Реџепи не застана туку одмавна со раката, а луѓе од придружбата само кратко одговорија-Во вторник во 12 часот.
Поглаварот на ИВЗ беше во прв ред, но на контра страна од министрите на ДУИ во владата, истата влада која тој со писмо од 12-ти март ја обвини дека ја фаворизира МПЦ.
Реџепи се закани доколку нема итна денационализација на вакафскиот имот и реконструкција на џамии во Штип, Охрид и битолски Лажец- од 700-тини џамии предизборно ќе се пее за тие неправди.
Владата десет дена подоцна одговори дека писмото има многу опасни и неточни работи и дека станува збор за уцена и ултиматум непримерен за секуларно општество, за која доколку треба ќе го извести и обвинителството.
Сепак лидерот на ДУИ оцени дека прашањето и евентуалните проблеми треба да се решат со дијалог.
-Сметам дека има простор за дијалог и да се разговара. Не мислам дека ова е од сериозни размери, да има големи проблеми меѓу институциите и верските заедници, рече претседателот на СДСМ Али Ахмети.
Проблемот се актуелизираше откако владата го објави писмото на ИВЗ со барањата и го оцени како ултиматум.
ИВЗ се жали на спора денационализација и успорување на странските донации за минарето во Охрид. Во писмото не се спомнати за кои државни органи сметаат дека ја попречуваат работата на ИВЗ.
Познато е дека обвинителството има предмет за спорните моменти при реновирање на џамијата во Охрид, но исто така од декември и УЈП ги проверува сметките и даночните обврски и на ИВЗ и на МПЦ. Се проверува колкав имот имаат, дали заработуваат од кирии и дали ги исполнуваат фискалните обврски кон државата.
Миомир Серафиновиќ