
Регистрација за данок – комплицирани процедури, наместо олеснување
Ќе ги послуша ли Владата бурните реакции на граѓаните, откако стана јасно дека сите што остваруваат било каков приход, па дури и само од плата или од пензија, ќе мора повторно да одат лично на шалтерите на Управата за јавни приходи, со цел таму да ги однесат претходно отпечатените барања за регистрација во електронскиит систем на УЈП. Оваа обврска сите ќе мора да ја завршат до крајот на годинава, со цел потоа даночните власти да им пратат пред даночна пријава, која граѓаните ќе треба да ја потврдат или корегираат. И додека УЈП тврди дека ова е неопходно со цел личните податоци на граѓаните да се заштитат од злоупотреби, во јавноста не стивнуваат реакциите, од овој, како што го нарекуваат, непотребен чин на бирократизирање на даночната реформа. Граѓаните досега секоја година сами ги пополнуваа годишните даночни пријави, а власта вети дека веќе нема да имаат таква обврска, но пред да стартува реформата, повторно е неопходна регистрација во новиот електронски систем на УЈП
Во очекување на став од Министерството за финансии, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, вели дека Владата мора да го слуша гласот на народот. Сепак, дали се планираат измени на Законот за персонален данок на доход кој стапи на сила од стартот на годинава, тој упатува дека треба да се праша Министерството за финансии.
„Владата секогаш ќе го следи гласот на народот, и секаде каде што ќе почувствуваме потешкотии во спроведувањето на политиките кое што сака било кое министерство да ги спроведе, ние ќе гледаме да ги модифицираме на начин кој што ќе одговара на граѓаните на Македонија“, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Најголеми реакции оваа новина предизвика кај пензионерите, но и кај изнемоштените лица, како и оние што не знаат да користат комјутер. Тие се прашуваат зошто мора да се појават во УЈП, кога даночниците за нив многу лесно можат да ги добијат сите податоци. За нив УЈП предвидува две можности, или да дојдат да се регистрираат заедно со помлад член на семејството, или да ополномоштат овластено лице, преку нотар, кое за нив ќе ја заврши целата работа.
Барањето да се регистрираат во УЈП сите 300 000 пензионери го дигна на нозе и Сојузот на здруженија на пензионери. Претседателот Драги Аргировски вели дека проблемот е премногу суптилен за по него да се одлучува кабинетски и затоа побара итна средба со УЈП за да се изнајдат начини како на 40 000 неподвижни пензионери да им се олесни обврската и да не се изложуваат на дополнителен стрес и трошоци. Тој предлага од обврската да се иземат тие што освен пензија немаат др приходи
„Мора со нас да контактираат за да ги посочиме тие случаи зашто пензиите се мали. Дали 10 000 знаат да користат компјутер можат тоа да го сторат со внуци или деца но што со неподвижните“, прашува Аргировски.
УЈП, во одбрана на реформата, вели дека граѓаните кои нема да успеат да се регистрираат, нема веднаш да се казнуваат, а за нив ќе се активираат мобилните екипи кои ќе помагаат во извршување на процедурата. Досега во новиот електронски систем се регистрирани само 13 илјади граѓани. Вкупниот број, пак, на вработени, пенизонери и хонорарци надминува еден милион.
Нина Нинеска-Фиданоска