Регионални центри за лекување на заболени од коронавирус и постепено отварање на границите

Тесна соработка во здравствениот сектор и размена на информации и искуства меѓу епидемиолозите, брз проток на стоки и безбеден транспорт, постепено отварање на границите и ублажување на негативните влијанија на пандемијата врз туристичкиот сектор, одржување на добрососедските односи и регионална соработка како и борба против лажните вести и говорот на омраза се дел од заклучоците кои беа донесени на денешната регионална видео конференција на министрите за надворешни работи од регионот и ЕУ комесарот за проширување Оливер Вархеји која ја организира министерот Никола Димитров и неговиот грчки колега  Дендијас.

Редовна и засилена соработка меѓу епидемиолозите и експертите за јавно здравје која би можела да поттикне создавање регионална мрежа на болници и здравствени одделенија кои би соработувале во лекувањето на пациенти заболени со КОВИД-19 и би го спречиле ширењето на епидемијата е еден од десетте заклучоци во заедничката декларација која произлезе од состанокот. Соработката во здравствениот сектор е клучна и за подготвувањето на здравствени протоколи за угостителските установи и безбедно и постепено обновување на туризмот.

Кога станува збор за отварањето на границите, за државите од Западен Балкан е клучно да се дозволат и несуштинските патувања со кои би се отвориле новите работни места.

Дали ќе бидат потребни тестови за да се влезе во друга држава не се спомнува во заклучоците од заедничката декларација.

Министерот Филипче пак соопшти дека доколку бидат потребни тестирања за влез во друга држава, тоа ќе бидат брзите ПЦР тестови кои би се правеле во државните институции.

Србија денеска соопшти дека ги отвара границите од 1 јуни а за македонските државјани нема да биде потребен негативен тест при влезот.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис предложи на 1 јуни Грција да ги отвори границите за деловни патувања и за сезонски работници а за туристички патувања согласно препораките од ЕУ – 15 јуни.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ