
Референдумот ќе се распише во понеделник
Референдумот ќе се распише во понеделник, а ќе се одржи најверојатно на 30 септември, велат собраниски извори за Телма. Во наредните денови партиите на виско ниво ќе ги интензивираат консултациите за дефинирање на референдумското прашање. Оптимисти се за постигнување договор, но доколку тоа не се случи, владејачкото мнозинство и партиите на Албанците ќе тргнат во кампања за убедување на граѓаните во придобивките од успешноста на референдумот.
Ќе се прецизира и дали исходот од референдумот ќе биде консултативен или задолжителен. На крајот се ќе зависи од цензусот.
Неговиот резултат ќе ги диктира натамошните одлуки. Ако нема цензус, за измените на Уставот ќе решава Собранието. СДСМ останува на ставот дека поставено прашањето треба да гласи ,,Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција за името“. Вицепремиерката Радмила Шекеринска вели дека во овој историски момент за државата неопходен е консензус од сите партии.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се зависи од Премиерот Заев, а договореното прашање мора да биде јасно и концизно и да има едно значење. Не откриваат како ќе постапат и како ќе се произјаснат за референдумот. Во понеделник на работните столчиња ќе седне и новоизбраниот состав на ДИК. Свечената заклетва која денеска требаше да ја дадат е одложена поради присуството на собранискиот спикер Талат Џафери на комеморативна седница во Косово за починатиот активист за човекови права Адем Демачи. Новиот претседател на ДИК Оливер Дерковски вели дека тие се подготвени за успешна организација на референдумот.
Овој состав на ДИК ќе има шестмесечен мандат а по неговото завршување партиите повторно ќе седнат за преговарачка маса за измени во изборното законодавство и целосна професионализација на ова тело.
Јулијана Пешевска