
Референдум за Договорот од Преспа бараат локалните власти од Северна Грција
Префектурите и општините од северниот дел на Грција бараат да се распише референдум во земјата за Договорот од Преспа, „за да им се даде на граѓаните законското право да го одобрат или отфрлат“.
На вчерашниот проширен состанок во Солун, организиран од Регионалниот совет на Централна Македонија, со присуство на градоначалници и претставници на општинските совети од грчката област Централна Македонија, претседатели на здруженијата на општини од цела Грција, со присуство на митрополити, претставници од коморите и Универзитетите, беше издадена резолуција која ќе биде доставена до грчката влада и до политичките партии.
„Бараме од владата да одржи референдум за „Договорот од Преспа“ за да им се даде на граѓаните законското право да го ратификуваат или да го отфрлат овој договор што се однесува на важно национално прашање, на историјата и на културата на Грција“, пишуваат локалните власти во резолуцијата.
На вчерашната седница учествуваа 258 претставници на локалната самоуправа од Северна Грција, 15 митрополити и 90 претставници на различни институции, а на присутните, меѓу другите, им се обратија префектот на регионот Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, претседателот на Централната унија на општини од Грција, Јоргос Патулис, но и Апостолос Андонудис, член на извршниот комитет на Регионалната унија на општини од Централна Македонија и претседател на компанијата „Егнатија одос“, која го менаџира истоимениот автопат чиј говор предизвика реакции.
Имено, Андонудис, според грчката новинска агенција, рекол дека присутните од него ќе слушнат поразличен став, потенцирал дека и во терминот ПЈРМ е вклучено името Македонија веќе 30 години и „сите се правиме дека не го разбираме тоа“.
Според претседателот на Централната унија на општини од Грција, Јоргос Патулис, Македонците имаат само еден идентитет – грчкиот, а македонски говори оној кој говори грчки.