Ребалансот ги скуси парите за гасоводот и кличнички центар, повеќе пари за општините и здравството

Потфрлањето на капиталните инвестиции е главна причина што Владата реши да скрои ребаланс на буџетот, а доцна синоќа го усвои на седница и го испрати во Собранието. Заради слабата реализација, капиталните расходи ќе се скратат за 92 милиони евра, и тоа се всушност парите што беа наменети за гасоводот каде што сега е забавена динамиката, како и за Клиничкиот центар во Скопје, чија изградба е откажана. Овие пари кои главно беа од кредити и кои ионака немаше да се успее да се потрошат, ќе се пренаменат главно за општините, како и 29 милиони евра за Фондовите за пензиско и здравствено осигурување, со цел непречено да функционираат и да ги исплатат заостанатите обврски, особено здравствениот систем.

„Со ребалансот на буџетот општините ќе добијат 50 милиони евра со цел да ги исплатат натрупаните стари обврски и да можат да почнат нормално да функционираат, но за овие средства да не завршат во бунар, многу брзо ќе се изготват законски механизми со кои тие ќе се спречат да трупаат нови долгови“.

Сето ова, вели министерот Тевдовски, ќе се оствари само доколку ребалансот се изгласа од Собранието, а тоа значи да поминат уставните измени и да не се распишат вонредни парламентарни избори. Во спротивно, тој не важи и нема да им се помогне на општините, но исплатата на пензиите во никој случај не е загрозена.

„Во однос на пензиите, тие во секоја варијанта ќе бидат целосно и навремено исплаќани. Нема дилеми и ние стоиме зад тоа, дека пензиите се приоритет, и навремено ќе бидат исплаќани“, вели министерот Тевдовски.

Со корекцијата на државната каса вкупната расходна страна е намалена за само 0,5 отсто или за 19,5 милиони евра, и со тоа ребалансираниот буџет всушност ќе тежи 3,42 милијарди евра. Приходите одат надолу за 16 милиони евра и сега ќе изнесуваат 3,13 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе биде незначително понизок, 294 милиони евра, но како учество во БДП ќе биде непроменет – 2,7 проценти.

Дали и вака скратени капиталните инвестиции ќе се реализираат, министерот е оптимист, но вели, најбитно е што во вториот квартал од оваа година растот го повлече приватниот сектор, а не растот вештачки да се подига како порано, со проектот Скопје 2014.

Иако од Владата тврдеа дека нема причина за корекција на првично предвидениот раст од 3,2 отсто, со ребалансот тој сепак се ревидира надолу, на 2,8 проценти. Блокадите од опозицијата не може да не влијаат на растот, објаснува првиот финансиер.

„Ревидирана е проекцијата за раст на БДП на 2,8 отсто, тоа се прави пред се заради блокадите од опозицијата за интеграција во НАТО и ЕУ, интеграцијата за земјава носи безбедност и сигурност, кои се најважни при носењето одлуки од страна на инвеститорите. Неизвесноста негативно може да влијае на економијата“, вели министерот Тевдовски.

Во ребалансот не се предвидени пари за избори. Сепак, доколку тие се распишат, министерот Тевдовски вели дека постои начин тие да се финансираат, пари ќе се обезбедат од сатваката Функции на државата предвидена за такви намени.

Ако има избори Собранието нема да може да гласа ни за Буџетот за идната, 2019 година, кој Владата сепак ќе го достави до Собранието во законскиот рок, но се разгледуваат различни сценарија, меѓу кои и Одлука за времено финансирање за идната година.

„Доколку има избори, подготвуваме различни сценарија, подготвени сме во секоја варијанта, дури и да влеземе во Одлука за времено финанирање во 2019, државата ќе ги исплаќа своите обврски“, вели министерот Тевдовски.

Со ребалансот плус пари или 3,2 милиони евра ќе има и за финансирање на политички партии и истражувачки центри, како и за агенцијата ОТА. Според министерот, Собранието за тоа донело Закон и Министерството за финансии е обврзано да предвиди средства.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ