
Ребаланс во сенка?
Министрите во владата молчат околу потребата за прекројување на државната каса. Иако ребалансот се актуелизира по објавата на податокот дека во првиот квартал БДП едвај се поместил од нулата, никој не ја потврдува се погласната шпекулација дека стапката на раст од 3,2 % за цела година ќе мора се ревидира и дека ребаланс се крои во сенка.
Министерот за земјоделие Љупчо Николовски вели дека кога и да се случи ребалансот, ќе бара дополнителни средства за капитални инвестиции, за брани и за системи за наводнување кои не беа реализирани, бидејки парите биле пренаменети за субвенции и за враќање на долгови за зградата на филхармонијата.
„Очекуваме и во програмата за рурален развој со ребаланост ќе имаме плус пари, ќе има засилена реализација на капитални инвестиции во вториот дел од годината, а со ребалансот ќе бараме и дополнителни пари за субвенции“, вели Николовски.
Министерот Тевдовски и вицепремиерот Анѓушев се убедени дека раст од 3,2 % е возможен до крајот на годинава. Започнатите проекти ќе бидат завршени, но не на штета на граѓаните.
„Не може економијата како скретничар да ја пренасочите. Тоа се договори, преземени обврски, нешто што одело со 180 километри за една секунда да го пренасочите“, вели Анѓушев.
„Има резултати и се ќе направиме да се интензивира растот. Јас сум оптимист“, смета Тевдовски.
Пред месец и половина премиерот Заев рече дека постојат неколку сектори кои не ги потрошиле планираните пари, а кои ќе се пренаменат за капитални инвестиции, како 7 милиони евра во Бирото за метеорологија, 5 милиони евра во Службен весник, 4 милиони во ЈП за деловен простор и уште 3,5 милиони нераспределени средства од дивидендата за 2016 година. Прекројувањето на државната каса тој ја најави за средината на годинава.
Виолета З. Стојановска