
Реакциите на Атина по средбата Димитров-Нимиц
Вчерашните ставови на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со медијаторот, дека сме Македонци, зборуваме македонски јазик, но и дека за идентитетот не се преговара, заедно со изјавите на Нимиц дека Атина не поставила тема идентитет, ги преплавија грчките медиуми. Кусо по завршувањето на средбата Димитров – Нимиц, новинарите во Грција акцентот го ставија токму на ставовите на министерот за надворешни работи.
Во синоќешните изданија на централните вести на грчките телевизии, средбата Димитров-Нимиц беше прва тема со која новинарите ги започнаа вестите. Ставовите на шефот на македонската дипломатија и на медијаторот и утрово беа тема на дебати во дел од утринските информативни емисии.
„Еден нов, непознат аспект во преговорите, откри од Скопје, Метју Нимиц, одговарајќи на скопскиот министер Димитров, кој е со непроменети позиции во прашањето за идентитетот и јазикот, а Грција, рече Нимиц, не поставува таква тема во преговорите“, беше најавата на новинарката на почетокот на вестите на грчката телевизија Скај.
Телевизијата Антена преку новинарот – презентер, упати остри критики за ставот на Димитров.
„Скопската страна опасно го затегнува јажето во преговорите. Министерот за надворешни работи Никола Димитров имајќи го крај себе, безгласниот Метју Нимиц, провокативно побара да се изземе македонскиот идентитет од разговорите. И не запре таму. Извртувајќи ја вистината, поддржа дека она што е поврзано со иредентизмот е во сферата на грчката фантазија“, рече новинарот на почетокот на синоќешното централно издание на вестите на Антена.
Покрај новинарските реакции, вчера со критики се огласи и портпаролот на грчката влада во интервју за државната ТВ ЕРТ, Димитрис Ѕанакопулос, кој го пренесе ставот на Владата дека изјавите на Димитров не помагале.
„Мислам дека изјавите на господинот Димитров, за време на преговорите, не помагаат во оваа насока, бидејќи знае многу добро, а за овие теми разговараа и двајцата лидери господинот Заев и господинот Ципрас дека постојат конкретни барања, политички барања за да можеме да стигнеме до заемно прифатлив договор“, рече Димитрис Ѕанакопулос.
Ѕанакопулос додаде дека во преговорите: Атина смета дека постојат три различни прашања за кои разговара, односно како што рече „три основни столба на грчките позиции“.
„Првото е сложено име. Второто е она што го нарекуваме ерга омнес односно кон сите, сложено име за севкупна употреба, што го вклучува и соседот, што значи дека е неопходна уставна ревизија, за да може ова ерга омнес да се реализира. И третото е она што се однесува на иредентизмот, што исто така се поврзува со уставна ревизија. И мислам дека добро ќе биде да не го предвидуваат резултатот и да не поставуваат црвени линии“, објасни портпаролот на грчката влада.
Во меѓувреме продолжуваат подготовките за претстојниот голем антимакедонски протест кој треба да се одржи во грчката престолнина во недела. Атина е преплавена од националистички летоци, постери и плакати, од кои извира силна доза на ксенофобија и шовинизам. Но, според некои, станува збор за сатирични и автоиронични плакати кои всушност ги исмеваат позициите на грчките националисти.
Помалку иронични се пораките на грчката анархистичка група „Рубикон“ која предупреди од контрапротест и дека „На 4 февруари може да се пролее крв“, на протестот кој што го организираат десничарски здруженија со поддршка на некои политички партии и на црквата.
На социјалните мрежи анархистите објавија дека „4 февруари ќе биде нивниот ден и нема да помине без жртви“ и оти тие нема да дозволат да бидат провоцирани од фашистите за време на собирот, пренесува грчки Њуз.ин.
За најновите случувања околу името и протеститепишува и британски Фајненшл тамјс. Во написот под наслов „Ципрас игра покер во врска со Македонија“, весникот посочува дека Алексис Ципрас се соочува со голем народен и политички отпор кон каква било употреба на терминот „Македонија“ во името на земјата.
„Под притисок од Вашингтон, кој сака Македонија да се приклучи на НАТО годинава, и на Европската унија, која уште размислува за олеснувањето на грчките долгови, компромисот што би го постигнал Ципрас би го претворил во своевиден Ото фон Бизмарк на Балканот“, вели Фајненешл тајмс.
Во една атмосфера во која влоговите и тензијата растат, оптимизмот околу преговорите почнува да се намалува, а двете страни се почесто си испраќаат критики, прашање е дали за Балканскиот Бизмарк стабилноста на регионот вреди повеќе од кариерата на еден грчки политичар.
Ивор Мицковски