
Реакции по гласањето за пристапување кон уставни измени
Денеска е Ден на радост за новиот и за стариот министер за надворешни работи на Грција, поради вчерашниот позитивен резултат од гласањето во македонското Собрание. И покрај оставката и заминувањето на Никос Коѕијас од позицијата шеф на грчката дипломатија, и тој и Ципрас рекоа дека се среќни, иако тоа е оксиморон, како што истакнаа и двајцата.
Добри вести пристигнаа од Македонија, смета и европратеникот Едвард Кукан.
Тоа е почеток на процес, но многу значаен чекор напред. Би сакал да им честитам на оние кои го поддржаа преспанскиот договор, кои покажаа лидерство и гласаа за европска иднина на нивната земја, напиша Кукан на Твитер.
Со реакција се огласи и американскиот амбасадор Џес Бејли.
Честитки за македонскиот Парламент за гласањето за иницирање уставни измени, согласно Преспанскиот договор. Пратениците од сите партии покажаа храброст и лидерство со тоа што се здружија за да помогнат да се обезбеди место на Македонија на Западот, во НАТО и во ЕУ, напиша на Фејсбук американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и го честиташе на Македонија усвојувањето уставни промени, порачувајќи дека Македонија со таа одлука е чекор поблизу до евроатлантската зедница.
Еден глас, еден голем чекор поблизу до заземање на местото кои ви припаѓа во нашата трансатлантска заедница, напиша Туск на Твитер на македонски јазик.
80 гласови за пристапување кон уставни измени беа поздравени и од Генералниот секератар на НАТО Јенс Столтенберг, кој ги повика владините и политичките лидери е да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја искористат оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО.