Разрешувањето на Јанева утре пред пратениците

По неколкудневно натегање, собранискиот спикер ја закажа седницата, на која се очекува, пратениците да одобрат разрешување на Катица Јанева. Утре попладне, специјалната јавна обвинителка ќе биде на дневен ред во Собранието.

За нејзиниот можен наследник, партиите се уште преговараат, како и за законот за јавно обвинителство, за кој веќе шест месеци не успеваат да најдат заеднички јазик.

По завчерашната лидерска средба, Министерството направило интервенции во законот, вметнати се некои барања на опозицијата, кои пратениците ќе ги добијат во пишана форма иако, откако денеска предметите на СЈО беа преземени од Јавното обвинителство, според министерката за правда, законот веќе не е итен.  

За Дескоска нема ништо спорно во писмото на Јанева, испратено од Шутка, со кое бараше префрлање на предметите во јавното обвинителство, затоа што, вели, и досега се потпишувале документи од притвор. Вели и дека, никаде во законот не стои дека, за нешто такво е потребна нотарска заверка.

Мандатот на Јанева и` истекува во недела, на 15 септември, поради што од ВМРО-ДПМНЕ и бараа таа што поскоро да биде разрешена, затоа што, има разлика, дали ќе биде разрешена или ќе се остави да ѝ заврши мандатот. Објаснуваат дека, ако биде разрешена, тоа ќе биде со квалификации за несовесно, нестручно и назаконско извршување на функцијата, што може да биде и документ во евентуална судска постапка. Во спротивно, тие квалификации ќе се избегнат. Се сомневаат дека и утрешното разрешување ќе биде доцна.

За разрешување на Јанева е потребно двотретинско и Бадентерово мнозинство. Доколку пратениците изгласаат таа да биде разрешена, предлогот ќе биде испратен до Советот на јавни обвинители, каде ќе биде донесена конечната одлука.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ