
Разрешени 40-тина директори
Заради нереализација на капитални инвестиции, забелешки од меѓународни институции, блокирање на процесите, недоволна транспарентност, слаб менаџмент за финансиско стабилизирање, непочитување на упатствата од Владата и друго, Владата разрешува 40-тина директори на јавни и државни претпријатија и уште неколку десетици претседатели и членови на управни одбори и на совети. Меѓу нив се Сашо Василевски од МЕПСО, Драган Миновски од ЕЛЕМ, Гајур Кадриу од „Македонија пат“, Злате Мемедовиќ од Здравствен дом- Скопје, Ваљон Беља и Катерина Ставриќ од скопските клиники, Ирфан Асани од Железници, и други. Додека премиерот Зоран Заев најавува почеток на процесот за именување нови лица на тие места или ротации на оние што имаат таков капацитет, ВМРО ДПМНЕ кусо искоментира дека се работи за „шминка и театар за замајување на јавноста“.
Премиерот очекува в петок на закажаната лидерска средба да се појави и Мицкоски. Отворен е за сите теми, вклучувајќи ги предвремените избори, но смета дека мора да се разговара за измени во Изборниот законик, што ги сугерира и ОДИХР, за пописот, кој е нужен за економски, социјални и здравствени планирања, како и за законот за јавното обвинителство, неопходен за натамошните реформи и за интеграциите.
Заев вели дека е „згрозен“ од објавените приватни разговори и дека Ел Чека ќе мора да одговара за тоа, но не знае зошто тие се однесуваат само на ДУИ.
Синоќа, лидерот на ДУИ Али Ахмети јавно го запраша Ел Чека зошто нема бомби за СДСМ и за ВМРО ДПМНЕ. Ги обвини двете партии дека спроведуваат селективна правда и дека го девалвираат целиот процес.
Соња Николовска