Разединети владините коалициски партнери за референдум за името

Во владината коалиција има два различни ставови за тоа дали треба да има референдум за името. СДСМ се за, Дуи се против. Ова денеска го изјави вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, но го потврди и премиерот Зоран Заев. За ДУИ неопходно е во процесот за решавање на проблемот со името да бидат вклучени сите страни, но не и референдумско изјаснување. СДСМ има ист став, но сепак да се организира и референдум.

Ако ставовите се различни за референдумот идентични се за периодот во кој треба да се реши, а тоа е што е можно поскоро. И за Заев и за Османи сега е моментот кога треба да се донесе оваа одлука, бидејќи наредниот период ќе биде понепредвидлив и во државите кои ќе треба да го решаваат спорот и во самата Европска Унија. Сепак консензусот за името треба да биде донесен со вклученост и на претседателот на државата и на опозицијата велат од власта. А токму решавањето на проблемот  со името било една од темите за разговор на денешната средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел.

Инаку Медијаторот на Обединетите нации за спорот со името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц денеска ја почнува посетата на Атина, во рамки на обновените преговори меѓу двете земји.

Нимиц првин ќе се сретне со државно-политичкиот врв на Атина, а се очекува на 31 јануари да пристигне во Скопје. За следниот ден се предвидени средбите со државниот врв на кој ќе се информира за заклучоците од координативната средба што се одржа во саботата. На ова претходеше првата средба на премиерите Зоран Заев и Алекис Ципрас, која се случи минатата недела во Давос.

Билјана Николовска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ