Ратификуван Договорот со Бугарија

Со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ пратениците го ратификуваа Договорот за пријателство со Бугарија.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека е факт дека тешки и деликатни прашања меѓу две соседни држави многу тешко се договараат и “ниту ние, ниту во Бугарија целосно сме среќни со текстот“.

„Договорот ги покрива нашите интереси и на бугарската страна. Има убава симболика бидејќи на денешен ден Бугарија ја призна независноста на Македонија, како прва држава. Многу е важно што пред да се ратификува Договорот, во пракса имаме суштинска смена во нашите односи“, рече Димитров.

Додаде дека Договорот е значаен поради тоа што двете страни се охрабриле „да излезат од рововите, особено во нашиот регион, кој е оптоварен со историја, и дека е важно што дава извесна самодоверба во нашето општество“.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го бојкотираат Собранието.

– Убаво е кон соседите да се однесуваме како со еднакви и да создаваме пријатели. Ќе беше убаво денеска тука да беше и опозицијата, да ја даде својата поддршка, изјави Димитров.

Договорот, на 1 август 2017 година го потпишаа премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право. Тој е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете МНР и претставува наградба на договорот потпишан во 1990 година.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ