Расте цената на нафтата на светските берзи, тоа и кај нас ги поскапува горивата

Расте цената на нафтата на светските берзи. Значаен пораст е забележан во последните неколку дена, а цената на брент нафтата стигна до близу 73 долари за барел. Причината за растот е намалената понуда и загриженоста околу новиот прекин на испораката за Блискиот исток, поради тамошните тензии.

Порастот на цената на светските берзи е причина што од ноќеска на полноќ ќе мора да поскапат горивата и на домашниот пазар.

Цените на бензините и оваа недела самостојно ќе ги одредуваат приватните трговци со нафта, бидејќи Регулаторната комисија за енергетика, и покрај тоа што минатата недела беа донесени и потпишани Измените на Законот за енергетика, денеска не успеа да ја донесе новата Методологија за утврдување на цените.

Од најголемиот нафтен дистрибутер Макпетрол соопштија дека цените на бензините од ноќеска на полноќ ќе мора да поскапат за еден денар, а цената на дизелот ќе оди нагоре за два денари. Или, бензините 95 и 98 ќе се продаваат по 72 и 74 денари, а дизелот за 66 денари за литар.

Поскапувањето е дојдено поради зголемувањето на цената на нафтените деривати на светските берзи, велат од компанијата.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека Макпетрол коректно ги одредил цените на нафтените деривати, по кои следната недела ќе се продаваат на бензинските пумпи на оваа компанија.

Новите Правила, пак, регулаторите ќе ги донесат во среда, и веќе од наредниот понеделник, најавуваат дека сигурно ќе почнат да ги одредуваат цените на нафтените деривати. Според новата методологија, основа за одредување на цените ќе биде движењето на светските берзи, но во нив ќе бидат вклучени и дополнителните трошоци за носење на дериватите, давачките за транспорт до пумпите, трошокот за склaдирање, како и обезбедување соодветна маргина за компаниите.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев неодамна изјави дека поради тоа што ќе има максимална граница која ќе ја определува Регулаторна комисија за енергетика, дистрибутерите нема значајно да ги зголемуваат цените, а тоа ќе се прави со цел да се заштитат граѓаните и индустријата. Сепак, доколку нафтата расте на светските берзи, тоа ќе мора да се рефлектира и на нашите бензински станици.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ