
Расте нивото на Охридското езеро
Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи извршени утрово, нивото на Охридското Езеро е на 693, 97 сантиметри надморска височина, или 22 сантиметри над дозволениот максимум. Само во изминатите два дена нивото на езерото бележи пораст од два сантиметри.
Во октомври 2017 година нивото на Охридското Езеро беше на 2 сантиметри до дозволениот минимум од 693.17 м.н.в. Оттогаш тоа е зголемено за 80 сантиметри. Во неколку наврати тоа ја надмина и максимално дозволената граница при големи води од 694 м.н.в. Во март Охрид два пати беше погоден од силно невреме, што предизвика поплави во крајезерските населби.
Охридското Езеро во последната деценија бележи големи осцилации. Во овој период нивото на езерото повеќе пати беше под природниот минимум 693.10 метри надморска височина, како и значително над максималниот водостој од 693,75 метри надморска височина, што е случај и сега.
Ваквите големи осцилации според научната јавност негативно се одразуваат на живиот свет во езерото, а влијааат и на сеизмичката стабилност на објектите во крајбрежјето. Значително влијание на тоа има што Ох. Езето се користи како акумулација за производство на ел. Енергија и застарениот начин на регулација на истекот на езерото во реката Дрим што е регулиран со билатерален договор помеѓу Македонија и Албанија пред повеќе од 70 години, кој иако беше најавено, се уште не е ревидиран.
Горан Момироски