Расте и бројот на заболени лекари и медицински персонал

Три медицински сестри вработени во „8 септември“ се позитивни на Ковид 19. Со ова бројката на медицински работници кај кои е дијагностициран Корона вирус се искачи на 20. Веќе подолго време се соочуваме со недостиг на медицински персонал, доколку се има предвид дека вработените веќе три месеци се во континуитет на работа, со истоштувачко темпо  и го даваат својот максимум, вели директорот Костов. Шеснаесет медицински сестри и пет лекари специјалисти за интерна медицина дојдоа на испомош на медицинскиот персонал.

  • Во моментов дојдени се 16 медицински сестри од другите медицински центри кои што сега имаат некоја привремена кратка обука за да знаат како да се справат при третманот и ангажманот околу ваков вид на пациенти кои се специфични, работејќи во посебна опрема за потоа да бидат вклучени во работата на тие пациенти, вели д-р Христијан Костов, директор на ГОБ 8 септември 

Во Клиничката болница во Битола е дијагностициран нов случај на Ковид 19 кај медицинско лице.

  • Во моментов само едно лице медицински персонал болничар имаме потврдено дека е Ковид позитивен. Во тек се епоидемиолошките анкети и три лица се во изолација, изјави д-р. Билјана Гагачовска, директорка на ЈЗУ Клиничка Болница Битола 

Расте бројот и на заразени со Корона вирус на Инфективно одделение во Куманово.

  • Во моментов на нашиот оддел, една смена значи 4 медицински сестри се позитивни после контакт со колешка која е од таа смена и имала заболен член во семејството. Во Ургентниот центар 2 медицински сестри од кои што едната е во фаза на оздравување и втората која што имаше еден позитивен тест во април месец меѓутоа асимптоматски, меѓутоа сега со симптоми на бронхопнеумонија ете пак направивме тест излезе позитивна на Ковид 19, изјави д-р. Снежана Захариева, директорка на ЈЗУ општа болница Куманово. 

Здравствени работници вработени во повеќе болници во земјава за само неколку часа по дадена насока на Министерството за здравство се подготвија и пристигнаа во Скопје на помош на своите колеги.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ