Расте дипломатскиот притисок за договор за референдумот

Се повеќе расте дипломатскиот притисок за политички договор кој ќе води кон распишување на референдум. Германскиот министер за Европа Михаил Рот се сретна со опозицискиот лидер Мицкоски и порача дека времето истекува. Дипломатските пораки се јасни, без решение на спорот со Грција нема евро-атлантска иднина за Македонија.

„Јас никогаш не применувам притисок на никој поединечен опозициски лидер. Само приложив неколку добри аргументи. Но, секој треба да знае дека времето истекува и дека тоа носи одреден притисок за одговорност не само за владата, туку и за опозицијата. Затоа ве замолувам, застанете заедно за да изградите подобра иднина за оваа земја“ посочи Рот.

Според Министерот Димитров референдумското прашање мора да биде двостепено бидејќи со овој договор целта е да се отворат вратите на ЕУ и НАТО кои беа заклучени токму од Грција.

ВМРО-ДПМНЕ денеска двостепеното формулирање на референдумот го посочи за најпроблематично, па политичкиот договор се одложи.

„Многу е нелогично, стапувањето на сила на договорот со Грција зависи од ратификација на протоколите за членство во НАТО, зависи од пристапни преговори за членство во ЕУ и еден од главните мотиви зошто ова се направи е за да излеземе од чекалната на ЕУ. Патот напред е овој“, изјави Димитров.

Рот се сретна и со вицепремиерот Бујар Османи каде беше истакната важноста на скрининг процесот. Реформското темпо во борбата со корупцијата, владеењето на правото, судството и администрацијата, мора да се засили за да се осигураат преговори следната година со ЕУ, соопштија од СЕП.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ