
Расте бројот на заболени од рак на кожа, 13 годишно дете најмлад пациент
Раното откривање на болеста во првиот стадиум е клучно за успешно лекување. Ако задоцни дијагнозата, драстично се намалуваат шансите за преживување на пациентите. Според статистиките, во западноевропските европски земји повеќе се прави рано дијагностицирање на рак на кожата, но она што за докторите е нејасно е зошто и покрај тоа нема намалување на смртноста. Морталитетот дури и расте кај болните од оваа болест.
УВ-радијацијата и генетската предиспозиција се главен причинител. Лекарите повикуваат на внимателност при сончање и проверка кај лекар при промени на бемките на телото.
„Кај покасните стадиуми треба да се овозможи квалитетна терапија. За среќа во Македонија ги имаме баш и двата лека, моментално се достапни на Клиниката, за лечење на BRAF+ мутации, значи позитивните. Го имаме лекот. Дури ја имаме и таа хемотерапија која се советува“ кажа д-р. Нино Васев, директор на Онкологија.
Достапноста на лекови и бројот на пациенти постојано варира, па од Клиниките очекуваат повеќе пари од Фондот за да можат да се снабдат со терапија за целата година.
Министерот Филипче најави проширување на позитивната листа на лекови која ќе ги опфати сите онколошки пациенти. Планирана е и централна набавка на лекови, за која не се потребни законски измени. Министерството дополнително ќе побара пари и од Фондот.
„Министерството за здравство да ги преземе набавките на најскапите лекови од сите Клиники коишто тие ги користат. Станува збор за пет-шест клиники – за Онкологија, Хематологија, Педијатрија, Реуматологија“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
Ракот на кожата најчесто се појавува кај повозрасните, но операција е направена и кај тринаесетгодишно дете, истакнуваат од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Имале и пациенти на возраст од 23 до 26 години чиешто лекување завршило неуспешно.
Петар Догов