
Расте бројот на несреќи и загинати работници на работните места – 22 смртни случаи до септември месец
Расте бројот на несреќи и загинати работници на работните места. До септември годинава загинале речиси ист број на работници како и целата 2017 година. Овие бројки ги собрале од Здружението за заштита при работа во својот извештај. Лани се случиле 134 повреди, а 24 загинале. Годинава само до септември месец се регистрирани 22 смртни случаи.
Синоќа, во статистиката влегоа уште два случаи. Еден смртен случај и една повреда на работното место. И денес како и вчера, од градежната фирма Баџак инженеринг не креваат слушалка да кажат – дали нивните работници биле озбезбедени на плацот и дали имале обука.
Иако недостапни за новинарите, од градежната фирма се во постојана комуникација со Општина Кисела вода.
„Со фирмата изведувач на потпорниот ѕид во населба Припор сме во константна комуникација. Во интерес на истрагата на Јавното обвинителство и МВР, не сме во можност да даваме нови и детални информации околу трагедијата.“
Несреќата вчера се случила по одрон, при што земја ги потрупала двајцата работници. Едниот од нив, 57 годишен, починал на место. Другиот имал среќа и брзо бил извлечен и однесен на лекување во градската болница Наум Охридски. Од таму тој е пратен на домашно лекување.
Инспектори од трудовиот инспекторат се уште вршат увид на местото.
Неофицијално, се сомневаат во неправилно оградено градилиште, но и несоодветно функционирање на градежната механизација.
Петар Догов