
Расте бројот на деца со малигни хематолошки заболувања
На Николинка Котевска пред точно 12 години и бил дијагностициран рак на тироидната жлезда, по што следеле оперативни зафати на тироидната, по неколку години и на грлото и на дојката. Раната дијагностика, грижата на лекарите и поддршката на здружението„Борка“ ми го спасија животот, вели таа.
Поминати се 12 години јас не се чувствувам веќе болна. Јас сум здрава горда сум, горда мајка, горда баба. За жал кога почина мојот сопруг исто од карцином добив и шеќер, меѓутоа не се предавам. Јас карциномот не го викам карцином, туку проклетник затоа што не знае каде напаѓа дали млади или стари, вели таа.
Загрижува фактот дека во изминативе години се зголемува бројот на деца кај кои се дијагностицирани малигни хематолошки заболувања, велат хематолозите.
Во глобалната слика кај адултната популација тие заземаат околу 8 до 10% од сите малигни болести, меѓутоа во детската популација малигните хематолошки заболувања се најчестата малигна болест. 30 % од децата со малигна болест имаат акутна леукемија. Инциденцата на малигните болести расте глобално и нашата земја го следи тој тренд, вели доц. д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.
Целта на здружението „Борка“ е да ги едуцира граѓаните дека ракот е излечива болест, Министерството за здравство е отворена институција со која соработуваме за донесување на 5-годишна национална стратегија за превенција, детекција и третман на ракот, вели Додева.
Целта ни е заедно да се здружат сите сили од владите, институциите, невладиниот сектор се со цел да се подигне свесноста за превенцијата, за рана дијагноза и современ и навремен третман на луѓето кои се заболени и кај кои се детектирани било какви малигни заболувања, вели таа.
Светскиот ден на борбата против ракот се одбележува на 4 февруари, на иницијатива на Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), која има за цел да помогне да се спасат милиони луѓе и со зголемување на свеста и едукација за ракот да се спречат нови смртни случаи.
Нина Стефанова