
И покрај водата од Рашче, се пие вода од бунари и од продавници
Од чешмите во Скопје тече една од најдобрите води во Европа. Во секое време од денот скопјани имаат здрава и чиста вода. Но, не сите. Додека некои уживаат во природните благодати на изворот Рашче – во некои места во Скопско, жителите копаат бунари и оттаму црпат вода за капење. Жедта ја гаснат со вода од продавница.
„Се наоѓаме кај изворот Рашче, а ова зад мене е планината Жеден којашто е природен феномен. Тука по природен пат се филтрира водата, а процесот на филтрација трае 30 години. Надлежните се фалат дека скопјани пијат една од најчистите и најдобри води во Европа.“
Надлежните се фалат со природните дарови во околината на Скопје. Во карпестиот масив кај изворот Рашче водата поминува низ геолошки процес на природно филтрирање, а таков друг природен филтер во карпа, на европскиот континент има само Виена.
„Најубавата вода се пие во Скопје. Затоа што е најчиста, константна и е по потекло од еден хидрогеолошки феномен“ кажа Зоран Божиновски, директор на Центарот за санитарна контрола при изворот Рашче.
„На пример, во Виена се пие вода 100 години стара, така што Скопје и Виена веројатно се единствените градови во Европа коишто го имаат овој геолошки феномен“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Градоначалникот Шилегов одговорноста за водоснабдување во оние општини каде што нема вода, ја префрла на градоначалниците на општините. Нека изработат градежни проекти за изработка на водовод, па нека тропнат на вратите на Градот – порача градоначалникот на Скопје.
„Ние не можеме да работиме дивоградби водоводи. Општината мора да го изработи проектот, да го зацрта во своите планови, а потоа да влеземе во негова реализација“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Во Институтот за јавно здравје лекарите постојано го проверуваат квалитетот на водата и какво влијание има тој врз здравјето на луѓето. Во статистиките запишале и загрижувачки податоци. Не секаде во Скопје па и во Македонија се пие бактериолошки исправна вода.
„Процентот на вода од села со сопствен водовод изнесува бактериолошки неисправни 35%. Најопасни се оние индивидуални водоснабдителни објекти коишто ги имаат во сопствените дворови како бунари, пумпи и слично и коишто не подлежат на никаков надзор“ кажа Гордана Ристовска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Институтот за јавно здравје.
Во светот околу 800 жени умираат секој ден од компликации во бременоста и породувањето поради тоа што пиеле нечиста вода. Овие податоци ги собрале лекари од целиот свет. Тие пресметале дека 80% од луѓето кои живеат во рурални средини пијат неисправна вода и го доведуваат во опасност своето здравје.
Петар Догов