Рамковните вработени од први јуни ќе седнат во работните столчиња

90 % од 958 луѓе вработени по рамковен договор ги потпишале решенијата за прераспределба во државните институции а останатите тоа треба да го сторат во вторник. Дали сите ги прифатиле понудените работни места е рано да се каже велат од владата, но се очекува првата фаза од процесот да заврши во следниве неколку недели, со што вработените кои 10 години земаа плата а седеа дома, од 1 јуни за прв пат ќе седнат на свое работно столче.

„Работното место е врз основа на огласот кога биле примени, сега се менува институцијата. Од секретаријатот се систематизираат во други институции каде според анализата и планот на секретаријатот, правичната застапеност не е на дозволеното ниво“, вели портпаролот на Владата Мухамед Хоџа.

Планот покажува дека топ 6 институции од вкупно 224 во кои ќе работат најголем број од овие вработени се МВР, УЈП, Царината, Клиничката болница во Тетово, Управата за матични книги и Јавното обвинителство а потоа следат МНР, Катастарот, МОН, ФЗО и Министерството за финансии.

Процесот на прераспределба на 1.700 рамковни вработени според експертите не оди во прилог на функционалниот капацитет на ниту еден орган на управата. Тие се вработени за да се испочитуваат коалиционите партнери од претходната влада и за да се испочитува обврската за правична застапеност на заедниците во администрацијата. Начинот како и зошто се примени на работа бил и сеуште е контроверзен, вели професорот Драган Гоцевски.

„Распоредувањето на овие луѓе во државните органи и тела сега ќе значи нивно вклучување во работниот процес. Откако ќе почнат да работат, ќе може да се провери нивната способност да се адаптираат на работата во јавната администрација. Ако придонесуваат и имаат учинок, на некој начин ќе почнат да си ја оправдуваат платата која и сега ја примаат, но без обврски. Но ако не ги извршуваат работните задачи, не го почитуваат работното време или се слабо оценети, ќе бидат поставени на позиции каде не се бараат посебни квалификации. А ако не можат да постигнат ниту минимални резултати ќе им престане работниот однос. Најголем дел од рамковните вработени сакаат да работат, но можно е да има и такви кои нема да се снајдат или нема воопшто да се појават на работното место“, вели професорот Гоцевски.

Во владата паралелно се работи на систематизација на работните места за преостанатите 712 рамковни вработени. Со К5 програмата се вработени 1.688 луѓе, од нив две третини имаат високо образование а останатите се со средно. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека месечно за плати за вработените биле исплаќани над 7оо.000 евра.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ