
Радев: Патот до странските инвестиции оди преку НАТО
За добар бизнис, има два услови: безбедност и добрососедство, посочи бугарскиот претседател Румен Радев пред претставниците на стопанските комори на двете земји. За исполнување на првиот услов – безбедноста, многу е важно Македонија да стане членка на НАТО.
– Вистинскиот бизнис, долгорочните инвестиции и производството многу се интересираат за безбедноста. Затоа, за инвестиции со долгорочен карактер, членството во НАТО е задолжително. Вториот важен услов е добрососедството. За да ги убедиме нашите партнери да ви дадат покана за членство, треба да покажеме дека Македонија и Бугарија ефективно работат заедно.
Радев вети дека веднаш ќе ја проследи до бугарската Влада иницијативата на претседателот Иванов за стратешко партнерство, што ја смета за многу важна. Побара Договорот за пријателство и соработка да не остане мртво слово на хартија туку да се спроведува со јасни рокови и понуди помош за привлекување европски фондови.
Според претседателот Иванов, има многу можности за подобрување на економската соработка, но најважно е ослободување од корупцијата.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека на приватниот сектор му се неопходни подобри инфраструктурни услови.
Претходните години, трговската размена со Бугарија изнесувала околу 300 милиони долари. Во 2017-та, двојно се зголемила и стигнала до 664 милиони. Азески му вети на Радев дека до крајот на неговиот мандат, ќе стигне до милијарда евра.
Соња Николовска