
Радев: Бугарија да стави црвени линии во поддршката за Македонија
Црвени линии во поддршката кон Северна Македонија, побара бугарскиот претседател, Румен Радев, според кого овие линии би биле исцртани од спроведувањето на Договорот за добрососедство.
„Треба да бидеме екстремно искрени и јасно да ги ставиме нашите црвени линии Нашиот сосед се залага за ЕУ и затоа мора да ги спроведе Договорот. Има работа по учебниците, книгите, медиумите, издавачките куќи, телевизиите, додека не се исчисти сето она што не оддалечувајќи и да почне да не обединува. Потребна е екстремна внимателност при тоа. Раните се уште не се залечени. Личните емоции не помагаат за тоа. Потребен е поголем институционален ангажман“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.
Тој зборувајќи во Софија пред амбасадорите и постојаните претставници на Бугарија во странство посочил дека иако билатералните односи меѓу двете земји се развиваат добро и оти се надминуваат замрзнатите конфликти и конфронтациите од минатото, поддршката од Бугарија не може да биде безусловна.
„Потпишаниот Договор за добрососедство практично ја отклучи вратата на Северна Македонија кон НАТО и ЕУ. Бугарија мора да биде, и е државата која најмногу ја поддржува Северна Македонија, тоа е наша должност кон нашите браќа таму, но јасно е дека поддршката не е безусловна и безрезервна“, вели Румен Радев, претседател на Бугарија.
Македонскиот премиер Зоран Заев изјавата на Радев ја протолкува во дух на мотивација, за двете страни да ги надминат отворените прашања кои што во моментов постојат во Комисијата за историските прашања. Заев е уверен дека Бугарија ќе продолжи да ја поддржува земјава како искрен и добар пријател, но и поради нејзините интереси Македонија да стане дел од ЕУ.
Инаку пораката на Радев доаѓа еден месец откако бугарскиот премиер Бојку Борисов, а претходно и шефицата на бугарската дипломатија Екатрина Захариева упатија порака дека земјава има многу за поправање, доколку ја сака поддршката од Софија за датим за преговори со ЕУ. Борисов и Захариева тогаш го искористија несогласувањето во Комисија за историските прашања околу заедничкото чествување на Гоце Делечев, прачувајќи и на македонската страна да ги усвои неопходните заклучоци за да може да се почитува Договорот за добрососедство за да може да продолжи поддршката од Бугарија.
Тамара Грнчароска