
Работни групи „го поправаат“ Законот за попис
Пописот треба да се одржи во 2021, како во останатите земји од регионот – ВМРО ДПМНЕ е подготвена да отстапи од ова барање доколку во наредните недели власта понуди нов и издржан концепт на законот.
Опозициската партија му ги соопшти своите забелешки на тимот владини и собраниски претставници од мнозинството, на средба што траеше два и пол часа. Директорот на статистика, Апостол Симовски, вели дека имало конструктивен разговор за пописот планиран за 2020-та.
ВМРО ДПМНЕ бара пописот да биде спроведен од посебно стручно тело или со помош на Советот за статистика за да се гарантира доверба во процесот.
Бараат прецизирање: што е резидентно население, приложување документ за идентификација при попишувањето, именување кој може да дава податоци, кои бази на податоци ќе се користат, пописни тимови од администрацијата како за време на избори, методологија на работа.
Дел од забелешките веднаш им биле прифатени.
Симовски најави средби и со други пратенички групи. Работните групи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, придружувани од експерти, директорите на Статистика и министерот Дамјан Манчевски, повторно ќе се сретнат за десетина дена. Доколку се усогласат, Законот за попис може да биде донесен до крајот на август или почетокот на септември.
Вчерашната расправа во Комисијата за европски прашања беше одложена по втор пат за да им се даде доволно простор на работните групи.
Соња Николовска