Работна група од Министерството за култура влезе во Музејот на ВМРО

Новата работна група , формирана при Министерството за култура, за ревалоризација на музејската дејност во земјава, влезе во Музејот на ВМРО, информираат од таму.

„Работната група оствари средба со раководството, изврши првичен увид во музејската поставка и прибави дел од неопходната документација, потребна за подготовка на детална анализа за овој музеј“, соопштија од министерството.

Петчлната работна група, со која претседава историчарот Александар Литовски, во следниов период ќе направи увид во целокупната документација, поврзана со одлуката за основање и изградба на музејот и со начинот на прибирање и откуп на музејскиот материјал. Ќе направи проценка и евалуација на збирката, како и евалуација на начинот и условите за чување на материјалот. А, по разгледување на целата документација и состојба, ќе изработи елаборат за преиспитување на општествената и стручна оправданост за постоењето на музејот. Тој е дел од проектот „ Скопје2014“.

Според истражувањата на БИРН, за неговата изградбата, ресорното министерство инвестирало околу 17 милиони евра, а биле склучени над 80 договори со физички и правни лица. Од нив, два договори се со фирмата- градител „ Бетон“ од Штип.

За овој проект се води судска постапка, по предметот „Тендери“ на СЈО, во кој за местење тендер за изградба на музејот во корист на Бетон- Штип, се товарат поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа- Милевска и тројца членови од комисијата за јавни набавки при Министерството за култура. Специјалната обвинителка , Катица Јанева, вчера изјави дека би било убаво доколку бившата министерка признае вина, бидејќи е неспорно дека јавната набавка била извршена по претходно доградување на објектот.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ