
Пуштен во употреба “Турски тек”
Официјално пуштен е во употреба гасоводот „Турски тек“ кој на руската енергетска компанија „Газпром“ ќе и носи околу 500 милиони американски долари годишно.
На отворањето на гасоводот во Истанбул, рускиот претседател Владимир Путин оцени дека соработката меѓу Русија и Турција е добар пример за соработка меѓу двете држави во сложените меѓународни односи, а проектот е значаен и за цела Европа.
Турски тек кој го изгради Русија е со два цевководи, долги 935 километри и со вкупен капацитет од околу 31,5 милијарди кубни метри гас годишно. Односно, капацитетот на секој крак на гасоводот е 15,75 милијарди кубни метри гас годишно. Првиот дел од гасоводот е наменет за снабдување на домашниот пазар на Турција, а вториот дел од гасоводот оди од Турција преку Бугарија, Србија, потоа понатаму кон Унгарија, а се планира да продолжи кон Словачка и Австрија.
Пред неколку дена директорот на Булгар транс газ, Владимир Малинов, изјави дека Русија започнала да испраќа гас во Бугарија, Грција и Македонија преку новиот гасовод додавајќи дека минатата година „Гаспром“ испорачала околу 3 милијарди кубни метри гас за Грција и околу 500.000 милиони гас во Македонија.