
Прво закон за помирување, па уставни измени?!
Гласаа за уставни измени, но сега се воздржани за три од четирите уставни амандмани. Осумтемина пратеници кои беа исклучени од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата токму поради поддршката за Договорот од Преспа, сега поставија услов: Прво закон за помирување за настаните од 27 април, потоа двотретинско мнозинство.
Премиерот не го коментираше потегот на независната пратеничка група. Повторно ги образложи уставните амандмани, велејќи дека, ќе бидат дел од Уставот само ако Грција ја изгласа спогодбата и го поддржи Протоколот за пристапување во НАТО.
Пратениците од ВМРО ДПМНЕ на почетокот на седницата побараа уставните амандмани да се тргнат од дневен ред затоа што, по референдумот, владата нема мандат од граѓаните за промена на уставот. Предлогот беше одбиен, по што продолжија со критики и дилеми за договорот со Грција.
Текстот на четирите нацрт-амандмани треба да биде изгласан најдоцна до 12-ти декември. Во оваа фаза се гласа со просто мнозинство од 61 глас. Следи пет дневна јавна дебата, по што амандманите повторно ќе се најдат пред пратениците во форма на предлог. За конечното изгласување, е потребно двотретинско мнозинство.
Далиборка Дамјанска Цветановска