Прво сведочење на обвинет за крвавиот четврток

Началникот во Одделението за специјални полициски операции Митко Пешов, е првиот кој се охрабри да даде своја одбрана пред судот од 33-цата обвинети за крвавиот четврток. Вчера ниту обвинетите пратеници, ниту пак тогашниот директор на БЈБ и носител на златна команда Митко Чавков, не сакаа да зборуваат во своја одбрана. Пешов денеска раскажуваше дека пред 27-ми имало разработено неколку планови за дејствување ако состојбата пред Собранието ескалира, но никогаш не предвиделе дека масата ќе влезе во Собранието. Критичниот ден на располагање имал само два вода од вкупно 50 луѓе, но тој рече ја немал командата врз нив.

Гледано од оваа дистанца можеби сме можеле и подобро и поинаку да делуваме. Но тогаш постапував најдобро што можев, земајќи ги предвид можностите кои ги имав, дотогашната пракса и ситуацијата која излезе од конторла, сведочеше Пешов.

Денот „Д“ како што го нарекувале никој не предвидел дека ќе биде токму 27-ми април. Немале на располагање дополнителни сили. Ги активирале дури после 20 часот и 20 минути откако веќе повеќе од еден час толпата дивеела во Собранието. Со Чавков и Нухиу се слушнал и им ја кажал состојбата, сведочеше дека никој не му рекол да има пасивна употреба на сила. Денеска во своја одбрана сведочи и Душко Лазаров кој исто така е во делот на обвинети за командната одговорност. Вчера пак Чавков не сведочеше, а денеска запрашан дали се гледа меѓу оние кои нема да бидат амнестирани, тој ги избегна новинарите.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ