Прво гласање закони, па договор за техничка Влада

СДСМ и ВМРО ДПМНЕ постигнаа договор: утре на собраниска седница ќе бидат изгласани 40-тина закони од областа на здравството, социјалата и финансиите, а во сабота лидерите Заев и Мицкоски ќе ја договорат техничката Влада. Доколку опозициската партија го исполни својот дел од договорот со поддршка на овие закони, централниот одбор на владеачката партија утре вечер ќе одлучи дали Оливер Спасовски или некој друг ќе ја предводи Пржинската Влада од 3 јануари.

Не доаѓа предвид сите да бидеме уценети од Зоран Заев со недавање оставка па да нема избори на 12-ти април, велат од ВМРО ДПМНЕ. Велат дека нема да кочат позитивни закони, но нема да гласаат за законите за една изборна единица, за опојни дроги, за одбрана и други.

Како партиите успеаја за нешто да се договорат а за друго не, треба да се прашаат Мицкоски и Заев, вели спикерот Талат Џафери. Ќе закаже седница за избор на Влада штом ќе ја добие оставката од премиерот Заев и предлогот со новите министри од идниот мандатар.

Џафери ќе ги распише изборите 60 дена пред денот на нивното одржување, односно на 12-ти февруари, откако претходно Собранието ќе се самораспушти, согласно меѓупартискиот договор кај претседателот Пендаровски. Изборите ќе ги организира техничката Влада која има мандат од 100 дена. Во неа, опозицијата треба да учествува со министри за внатрешни работи и за труд и социјала, како и со тројца дополнителни заменици министри.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ