
Првиот школски ден и со штрајк и со приредби за првачињата
И приредби за првачињата, но и празни клупи. Првиот ден во новата учебна година помина во сенка на штрајкот на СОНК, поради одлуката на владата, да им ги покачи од овој месец платите на вработените во образованието до 5, а не до 25% , колку што бараат тие. Поради тоа членството на СОНК денеска беше на работа , но освен првачињата, не ги прифаќаа останатите ученици.
- Деца во школото скорои да не дојдоа. Им благодариме на родителите за соработката за тоа. Првачиња ни дојдоа само 3. Имаме одредено наставнички да ги примаат, но кога видоа каква е состојбата, се повлекоа, изјави Витомир Лазороски- СОНК- ОУ „ Христијан Тодоровски Карпош“.
- Тие што не биле информирани, еден двајца дојдоа. Видоа дека нема никој и си отидоа, без да им каже некој дека треба да си одат. И во средното училиште „ Цветан Димов“ и во другите училишта има простории каде седат наставниците кои штрајкуваат, рече Фатон Чиче- претседател на СОНК за регион Чаир.
Од текот на предупредувачкиот штрајк, задоволен е и претседателот на СОНК. Тој го посети ОУ „ Димитар Македонски“, во населбата Лисиче, каде се примаа само првачињата и рече дека со Синдикатот се солидаризирале и наставници кои не се нивни членови.
- Според најголемиот дел на сознанија што ги имаме , не се врши притисок врз наставниците за да се прекине штрајкот. Онаму каде што условно кажано , има настава и се прифаќаат првачињата или ученици од прва година, тоа е од колеги кои не се наши членови, вели Јаким Неделков-претседател на СОНК.
Не се штрајкуваше во гимназијата „ Орце Николов “ и во училиштата „ Војдан Чернодрински“, „ Петар Поп Арсов“ и во „ Лазо Ангеловски“ , каде денеска беше министерот за образование, Адеми. Директорот на училиштето, Арсеновски призна дека покачувањето на платата од 5 %, од овој месец, не е доволно, но дека друг решава за тоа.
- Ако е до мене никогаш не е доста, Но во моментот е тоа, тоа. Други го кажуваат тоа, рече Перо Арсеновски- директор на ОУ „ Лазо Ангеловски.
Адеми рече дека во последниве 2 години, инвестициите во основното и средното образование скокнале за повеќе од 1, 3 милијарди денари и дека ќе продолжат со реформите, но и со дијалогот со СОНК. А, од Синдикатот рекоа дека во текот на септемвриските преговори со владата, ќе бараат и поголемо покачување на платите, ако во меѓувреме со ребалансот на буџетот повторно се зголеми минималната плата на национално ниво.
Сотир Трајков