Прва средба од процесот Жан Моне

Во Охрид вечер се отвора првата средба во рамки на процесот Жан Моне.. Тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн ќе се обратат вечерва пред македонските парламентарци и од сите пратенички групи и спикерот Талат Џафери..  Деловникот за работа на Парламентот, Етичкиот кодекс и буџетската независност се главни теми на состанокот. Но, пратениците кои ќе учествуваат на дводневниот состанок во Охрид велат дека не е исклучена можноста таму да се отворат и други прашања.

Иако се најавуваше можност, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, нема да допатува во Охрид туку ќе има видеообраќање. Разговорите се во текот на утрешниот ден, а треба да финишираат со вечера на која се поканети партиските лидери Заев, Мицкоски, Ахмети, Тачи, Села и Касами. Доколку дојдат сите лидери во Охрид би можело да се одржи првата лидерска средба по денешните разговори на Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас на Самитот во Софија.

Средбата во рамки на Жан Моне процесот може да се смета како дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот 3-6-9, а овие разговори треба да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

На средбата во Охрид и претходеа усогласувања на ставовите на пратеничките групи, особено за Деловникот за работа на Парламентот и за Етичкиот кодекс..

Она што го бараат владејачките партии предводени од СДСМ, а не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ,  е ограничување на расправата за секој закон на три дена, како и да се дефинираат формите на  пратеничките групи.

Од друга страна опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ бараат независен собраниски буџет односно Министерството за финансии да не одлучува за буџетот на Собранието, како и посебен независен статус на собраниската администрација, за законите по скратена постапка да се гласа со двотретинско мнозинство, да постои можност за утврдување одговорност за прекршување на Деловникот од страна на претседавачот со пленумот или работното тело и ограничување на бројот на потпретседатели и заменици на генералниот секретар.

Билјана Ставрова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ